Денес 21.3.2019 година (четврток) на 26-та седница на Државната изборна комисија, која се одржа во седиштето на Комисијата, се разгледуваше и одлучуваше по Листата за Претседател на Република  Северна Македонија, од кандидатот Блерим Река.

Листата за кандидат за Претседател на Република Северна Македонија, 2019 година за кандидатот Блерим Река, до Државната изборна комисија беше доставена на 19.3.2019 година, а согласно одредбите од Изборниот законик член 67 (став 1) Државната изборна комисија во законски утврдениот рок ја разгледа и ја потврди Листата, со што Блерим Река е кандидат за претседател на Република Северна Македонија.

Истовремено, во однос на поднесените барања за добивање овластување за набљудувачи за Претседателските избори 2019 година, на оваа седница за разгледување беше ставено Барањето од Здружението на лица со посебни потреби „Заедно можеме“ – Гостивар и истото беше усвоено.

На продолжението на 26-та седница на Државната изборна комисија, се разгледуваше и одлучуваше по листите за Претседател на Република Северна Македонија, од кандидатите Гордана Силјановска Давкова и Стево Пендаровски.

Државната изборна комисија откако ги разгледа поднесените Листи, констатираше дека истите се уредно поднесени по што ги потврди и со тоа Гордана Силјановска Давкова и Стево Пендаровски се кандидати за Претседател на Република Северна Македонија.

Државната изборна комисија на кандидатите за Претседател на Република Северна Македонија, 2019 година ќе им подготви решенија за потврдување на Листата за кандидат на Претседател.

Државната изборна комисија им посака успех на кандидатите.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content