Државната изборна комисија на 17 јануари оваа година организираше стручна тркалезна маса на тема „Примена на нови технологии во изборните процеси”.
Тркалезната маса ја отворија претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски и потпретседателката на Собранието на Република Македонија, Фросина Ременски Ташевска.
Целта на оваа тркалезна маса беше да се иницира дискусија помеѓу релевантните страни во изборите за можноста и потребата од воведување и користењето на нови информатички и комуникациски технологии во изборните процеси и презентација на различните меѓународни искуства, пренесени од страна на видни експерти и практичари од оваа област.
На тркалезната маса учествуваа претставници од клучни институции, како што се Собранието на РМ, Министерството за внатрешни работи, Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за правда, Министерство за надворешни работи, Државниот завод за статистика, други институции, надзорни тела, граѓански здруженија и претставници од меѓународната заедница во Скопје.
Говорниците на тркалезната маса ги изложија своите искуства од примената на нови технологии при организирањето и спроведување на изборите во различни земји. Се разговараше и за сигурноста на новата технологија за гласање, влијанието кое новата технологија го има врз довербата на јавноста во изборниот процес, контролата и ревизијата на технологијата по завршување на изборите, како и препораките на ОБСЕ/ОДИХР во кои се опфатени нови технолошки решенија.
Посебна студија на случај презентираа говорниците од Централната изборна комисија и Центарот за континуирана едукација од Молдавија, кои го презентираа функционирањето на Државниот автоматизиран информатички систем „Избори“ (SAISE).
Од плодната дискусија на тркалезната маса произлезе заклучокот дека Државната изборна комисија треба да пристапи кон воведување на нови технологии во изборите со цел унапредување на целокупниот изборен процес, а особено на денот на гласањето и броењето и сумирањето на резултатите од гласањето. Присутните изразија подготвеност за соработка со ДИК во оваа насока.